Данска во година дена успеа да дојде до третиот медал. Од светски првак, до сребрен медал на ОИ и сега бронза на ЕП. Можеби сонот на Никола Јакобсен и неговите момци беше тронот на Европа, но не успеаја.
Селекторот на данската репрезентација по завршување на битката за третото место одржа прес-конференција за која долго време ќе се зборува.
„Горд сум на тимот. Освоивме три медали за година дена. Секако најдраго ми е златото од Египет, а среброто од Токио ми е подраго од овој бронзен медал, која исто така ми значи многу. На овој турнир бевме целосно ограничени, не смеевме да излеземе од хотелските соби, полудевме во хителот. Во првиот хотел во кој што бевме сместени не бевме целосно изолирани од останатите гости.
Моравме да се грижиме за се. Овој месец беше најдолг во мојот живот. Кога немаше мечеви или тренинг, сите бевме во соби, не знаевме што да правиме, се ни беше забрането.
За доброто на сите репрезентации, играчи, навивачи, се надевам дека ова ќе биде последно првенство од овој тип, во спротивно ќе полудиме. Вака повеќе не може. Горд сум на нас и на Французите, па и на ракометот како спорт, што успеавме да го истуркаме ова во невозможни услови“, изјави Јакобсен.