Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди од судот во Валенсија е осуден на четири месеци затворска казна затоа што возел без возачка, за која патем, никогаш и немал положено. Според пишувањата на весникот „Лас Провинциас“, Барди ја прифатил казната, откако на судењето признал дека документот што и го покажал на локалната полиција на Валенсија е лажен.
Судијата ја суспендира активната затворската казна и ја заменил со условна казна од две години со опомена дека истата ќе се активира доколку играчот од средниот ред повторно направи кривично дело.
Барди во април минатата година бил запрен во рутинска контрола возејќи Порше Панамера во северниот круг на градот. Откако ја побарал документацијата за автомобилот и возачката дозвола, еден од локалните полицајци потврдил дека вториот документ не ги задоволува безбедносните стандарди. Агентот можел на прв поглед да утврди дека возачката дозвола е испечатена на формат на пластична картичка. Освен тоа, полицијата открила дека недостасуваат и други безбедносни ознаки откако го прегледале документот со ултравиолетова светлина.