КУП НА МАКЕДОНИЈА: ТФТ испиша историја, Пелистер пак остана со празни раце (ФОТО)

137

И втора година по ред Пелистер не успева да го помине четвртфиналето во Купот на Македонија и покрај тоа што има одлична сезона во Првата лига. Битолчани паднаа пред ТФТ, кој одигра одличен натпревар. Играта на Марјан Илиевски беше целосно прочитана, па тимот од Тафталиџе заслужено славеше со 93-105 и се најде во полуфиналето, за првпат во својата историја.

Костоски со 22 поени и 9 асистенции беше лидер кај победникот, зад него беше Хортон со 19 поени и 6 скока, Смит запиша дабл-дабл од 15 поени и 10 скока, Николов беше стрелец на 10 поени. На другата страна, стандардно, Малешевиќ имаше 29 поени, додека Кесар 24.

Одлична игра на ТФТ во првото полувреме. Избраниците на Боро Смилковски целосно го надиграа фаворитот. По првата четвртина имаа водство од 21-32, а во ист ритам продолжија и во следниот период. На другата страна битолчани изгледаа немоќно, единствени кошаркари расположени за игра беа стандарните Малешевиќ и Кесар. Ова не беше доволно да се урне тимската игра на ТФТ, кој поведе со 27-40 во 13. минута, нешто подоцна со поените на Ташовски дојде на плус 14 (33-47). Пелистер во последната минута успеа да ја стопи двоицифрената негатива, на одморот беше 47-56.

Битолчани отворија со 4-0 и намалија на 51-56, со две тројки на Младеновиќ и Кесар дојдоа на 57-59, па 60-63. Марјан Илиевски не беше задоволен од она што го гледа, па по една реакиција на судиската одлука доби техничка грешка. ТФТ од овој потег ќари само шест поени и поведе со 60-71. И не застана, Костоски со тројка на 20 секунди до крајот на третата четвртина зголеми на +18 (66-84).

Овој пат Пелистер немаше среќа, не успеа целосно да се врати од големата негатива. ТФТ на по три и пол минути игра во последната четвртина поведе со 70-88. На другата страна Малешевиќ и Кесар притискаа, намалија на 90-97. Се обидуваа со брзи фаули и тројки да приредат пресврт, но веќе беше доцна. ТФТ искусно ги приведе мечот за голема радст, во полуфиналето ќе игра со подобриот од Академија ФМП и Еуро Никел.

ПретходноВо Т.Пролет разочарани од пропуштената шанса, но подготвени за битка со Е.Пелистер
СледноНорвешка го урна рекордот по бројот на медали на ЗОИ