Реал Мадрид, Барселона и Јувентус планираат да направат втор обид за формирање на европска Суперлига, која ќе се одлепи од УЕФА и ќе ја замени Лигата на шампионите.
Минатата пролет, некои од најголемите европски клубови објавија дека планираат да се приклучат на новиот проект, но истиот брзо пропадна поради незадоволството на навивачите. Сепак, Реал, Барса и Јуве одбија да кажат дека се откажуваат од проектот, а сега ќе се обидат да го рестартираат, пишува британскиот „Мирор“.
Претседателот на Јувентус и еден од иницијаторите на идејата, Андреа Ањели, се очекува викендов да зборува на деловен состанок на кој ќе даде повеќе детали за новиот и подобрен формат на Суперлигата. Според информациите, ќе биде отстранет еден од деталите што најмногу ги изнервира навивачите, неможноста за испаѓање од лигата, а квалификацискиот процес ќе стане поотворен и достапен за повеќе клубови.
Друга идеја на двата шпански гиганти е да создадат нови силни клубови на места каде што ги нема, а првите две дестинации се Даблин и Луксембург. Во Супер лигата ќе учествуваат и новоформираните клубови.