Русија и натаму добива големи удари од страна на светските спортски федерации. Покрај блокадата во сите спортови на клупско и национално ниво, сега доаѓа нова информација.
ФИФА на барање од меѓународната федерација на професионални фудбалери (ФИФПро) би можела да промени едно правило со кое ќе и нанесе нов голем удар на Русија. Од светската „куќа на фудбалот“ се бара да им дозволи на странските играчи кои играат за руските тимови да ги раскинат договорите еднострано, а притоа да не претрпат било какви последици, поточно да не плаќаат финансиски „пенали“ за тоа.
„Баравме од ФИФА да го стори тоа. Оваа мерка би можела да биде изгласана. Поради војната мора да им овозможиме на фудбалерите без никакво обештетување да го напуштат рускиот клуб за кого играат“, порачаа од ФИФПро.
Во руската Премиер-лига во овој момент играат преку 130 странци и дел од нив ќе имаат шанса да ја напуштат Русија која во моментов војува со Украина.