Тимот на Работнички денеска заработи екстра три бода во домашниот шампионат, победувајќи ја фаворизираната Шкендија на Арената Тодор Проески со конечни 2:1. И покрај фактот што противникот е далеку повисоко во моментов на табелата, тоа на „Романтичарите“ воопшто не им пречеше, напротив ги мотивираше да стигнат до вредниот триумф.
Благодарение пред се на капитенот Марио Станковски кој во првото поливреме со вистински евро гол му донесе водство на домаќинот, кое потоа со голот на Рушевиќ беше претворено во конечна победа.
„Изедначен меч пред се. Ние верувавме уште пред почетокот дека можеме да дојдеме до победа и успеавме во тоа. Си ја остваривме зацртаната цел. Нам не ни преостанува ништо друго освен во овој ритам, во вакво темпо да продолжиме понатаму. Сега одиме на Чаир против Шкупи уште еден силен, квалитетен меч е пред нас. Мора да напоменам дека како тим не се плашиме од никого и одиме против секого да оствариме победа, да се надигруваме, зошто знам дека тоа го можеме“ – изјави капитенот на Работнички за Спортмедиа, Марио Станковски.