Одлична вест. МЗТ Скопје и Аеродром ќе бидат домаќини на завршниот турнир од АБА 2- лигата. Првата битка на патот кон влез во елитната јадранска конкуренција е добиена, откако челниците на ова натпреварување денеска на МЗТ Скопје Аеродром му ја доделија организацијата на завршниот турнир од НЛБ АБА2-лигата, кој од 13 до 17 април ќе се одржи во салата „Јане Сандански“.
Ова е голема обврска за МЗТ, но истовремено и огромна шанса на домашен терен и со голема поддршка од трибините да се направи конечниот исчекор кон враќање меѓу најдобрите тимови во регионот. Аеродром и МЗТ ја добија пресметката со Сараево, кој исто така беше максимално заинтересиран и беше сериозен конкурент во битката за улогата домаќин на најдобрите осум тима во НЛБ АБА2-лигата.
Кои екипи ќе се појават на фајналејт-турнирот во Скопје ќе се знае кон крајот на месецов, по одигрување на последниот турнир од регуларниот дел од сезоната во босанскиот град Широки (21-27 март). МЗТ Скопје на овој „балон“ влегува како второпласиран на табелата со скор 8-2, а до крајот ќе ги одмери силите против Широки (22.03), Борац Бања Лука (25.03) и против Златибор (27.03).
Најдобрите осум на турнирот во „Јане Сандански“ ќе играат на еден меч (не на два како лани) по кој победникот оди понатаму, а поразениот си заминува дома. Крајниот победник директно ќе се пласира во Адмирал бет АБА-лигата, додека финалистот ќе игра бараж со претпоследниот во ова натпреварување.