УЕФА потврди дека ќе го укине финансискиот фер-плеј и ќе воведе нови правила. Нема да има ограничување на платите, но клубовите ќе можат да трошат не повеќе од 70% од приходите за 3 сезони.
Според „Њујорк Тајмс“, според новиот систем, УЕФА ќе има право да наметнува и спортски и финансиски санкции за прекршителите, вклучително и парични казни, како и исфрлање од европските клупски натпреварувања.
Исто така, за првпат ќе биде можно да има тимови кои испаѓаат од едно во друго европско натпреварување токму поради кршењето на финансиските правила. Тоа значи дека клуб кој ги прекршил финансиските правила на УЕФА може од Лигата на шампионите да биде преселен во Лигата на Европа и од Лигата на Европа во Лигата на конференциите.
Друга мерка може да вклучува одземање на бодови во согласност со ажурираниот формат на Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Спонзорските договори ќе бидат подетално разгледани поради тврдењата дека некои тимови имаат опиплива корист од надуените договори со компании поврзани со нивните сопственици.