Аргентина ја совлада Венецуела со 3:0 во претпоследната рунда од јужноамериканските квалификации за пласман на СП 2022. Стрелци на головите беа Николас Гонзалез во 35. минута, Анхел ди Марија во 79. минута и мега ѕвездата на светскиот фудбал Лионел Меси во 82. минута. Со овој успех Аргентина ја продолжи серијата на 30 натпревари без пораз.
„Гаучосите“ одамна обезбедија пласман на СП 2022, а по мечот што се одигра на „Ла Бомбонера“ во Буенос Аирес Меси зборуваше за својата иднина.
„По СП во Катар на крајот на годината ќе размислам за многу работи. Се надевам дека националниот тим ќе оствари добар резултат. Секогаш со задоволство играм за репрезентацијата, па дури и во периодот пред Копа Америка (која ја освои). Сега мислам на претстојниот меч со Еквадор на 30 март“, изјави Меси.
Meси еднаш се повлече од аргентинската репрезентација но го убедија да се врати, а тој продолжи да го носи „сино-белиот“ дрес.