Штета. Нема Мундијал за Македонија. Бевме пред портите на Катар, но сепак Португалија славеше со 2:0 во решавачкиот меч и таа, а не Македонија ќе игра на Мундијалот.
Едноставно вечерва во Порто не издржа срце јуначко. Македонија се бореше, сакаше, сепак Бруно Фернандеш не дозволи да дојдеме до историја.
Вечерва на “Драгао“ реално фаворитот беше подобар, имаше повеќе шанси, и се чини заслужено оди на СП во Катар.
АЛИОСКИ СЕ ЗАКАНУВА, РОНАЛДО ЗА МАЛКУ…
Иако очекувањата беа дека Португалија уште од првата секунда од мечот ќе тргне со сите сили кон нашиот гол, сепак не бепе така. И тоа поради фактот дека Македонија добро беше поставен со одличен блок уште на средината од теренот. Им требаше доста време домашниот состав да се пресели пред нашиот шеснаесетник, иако искрено и Португалците како да не сакаа да ризикуваат.
Првата закана, па и шанса ја имаше Роналдо, и тоа во 14.минута, но имавме среќа, топката за малку мина покрај левиот дирек.
Во 16. и 20.минута Алиоски во два наврати се закани, но немаше среќа. Веќе пет минути подоцна Жота во добра шанса, шутираше со глава, но над голот.
НАШ КИКС, БРУНО ФЕРНАНДЕШ ЗА 1:0
И тогаш од нигде никаде гол за домашната селекција, и тоа по наша вина. Капитенот Ристовски од десно ја врати топката во средината од нашата половина, тука никој не ја зафати од нашите, следуваше додавање на Роналдо до Бруно Фернандеш кој беше максимално прецизен за 1:0 за неговата селекција. Штета, штета…
По тој гол домашните комплетно ја презедоа иницијативата, средината на теренот беше во нивен посед. Па така во 40.минута одново наша грешка, која за среќа не вроди со гол за Португалија. Димитриевски и Муслиу не се разбраа, а Жота за среќа шутираше покрај голот.
И тоа беше тоа од првите 45.минути, со резултат 1:0 за Португалија се замина на пауза.
ОХ, НЕ…ПАК ТОЈ БРУНО…за 2:0
Вториот дел го започнавме со нов шпиц. Селекторот Милевски го остави во соблекувалната Милан Ристовски, на негово место во игра беше подвижниот Бојан Миовски. Првата закана ја упати Бруно Фернандеш во таа 52.минута, но Димитриевски беше на место.
Македонија се обиде да стори нешто, имавме желба, но искрено немавме шанса за израмнување.
И тогаш во 65.минута опасна контра на Португалија која ја заврши Бруно Фернандеш за 2:0. Жота го проигра за да Бруно од близина одново ја тресе нашата мрежа.
Не помина една минута кога се случи мал инцидент на теренот, страстите зовреа, а судијата Тејлор им даде опомени на Муслиу и Кансело.
Во 80. минута Данило стартуваше врз Миовски, се чини дека имаше пенал, но и за судијата Тејлор. А не реагираа и од ВАР собата.
плеј – оф финале за пласман на СП
ПОРТУГАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА 2:0 (1:0)
Стадион “Драгао“ во Порто. Гледач: 48.010. Судија: Ентони Тејлор (Англија). Стрелци: Бруно Фернандеш 33., 65. (ПОР). Ж. Картони: Кансело (ПОР), Муслиу, Алиоски (МАК).
ПОРТУГАЛИЈА: Диого Коста, Кансело, Данило, Пепе, Мендеш, Бруно Фернандеш (89. Нуњеш), Мутињо, Отавио (76. Карваљо), Бернардо Силва (87. Феликс), Роналдо, Жота (76. Леао).
Селектор: Фернандо Сантош.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Адеми, Костадинов (76. Ашковски), Трајковски (58. Чурлинов), Елмас (87. Николов), М. Ристовски (46.Миовски).
Селектор: Благоја Милевски.