Пред точно една година славевме над Германија во Дуизбург (1:2), минатата недела над Италија во Палермо (0:1) и вчера пораз од 2:0 од Португалија на „Драгао“.
Пеколна „група“, група на „смртта“ доколку сите овие селекции би биле заедно на СП и група посилна од било која група на Мундијалот. Згора на тоа и победа над Исланд 2:1 во ноември во Скопје, селекција која беше хит на последното СП во Русија.
Освоивме многу, покажавме добар фудбал, добивме нова фудбалска вредност низ светот. Каква ли само година фудбалска имаме зад нас, бајка и плус настап на ЕП.
Совршено, сон, нешто незаборавно. Но сепак, на крајот сме поразени и за нас нема место на СП во Катар кон крајот на оваа година.
Бевме блиску, бевме на 90 минути но немавме сила, немавме формула за нова светска сензација. Ова што го направија фудбалерите, сегашните и оние кои не беа тука а настапуваа на минатите историски дуели, заслужуваат почит.
Прво ни се случи Дуизбург, па онаa фешта на ЕП во Букурешт, славјето во Скопје, и делириумот кој настана по елиминацијата на Италија минатата недела во Палермо.
Македонецот се исправи гордо, нацијата се радуваше на овие моменти. Фудбалерите беа причината, тие го обединија сето она што беше раскарано, поделено и разочарано. Сите беа едно, сите беа Македонија, сите беа „црвено-жолти“ во овое денови а немаа воздух и сила за гледање наовие историски 90 минути со Португалија кои за жал не донесоа нов „Илинден“, нова сензација, нов празник и историја.
Покажавме дека како народ можеби сме мали на карта, но имаме голема душа и срце за радост. Малку ни недостига, но тоа сме ние – Македонија.