Ракометарите на Вардар и покрај убедливиот пораз на домашен терен во првиот осминафинален меч со Веспрем, ќе ја имаат поддршката на своите најверни навивачи, „комити“ на реваншот во Унгарија. „Комити“ денеска потврдија дека заминуваат за Унгарија да ги бодрат своите миленици.
„Многумина ќе се откажат по првиот меч на домашен терен каде од фаворитот Веспрем загубивме цели 8 голови разлика. Еден дел од нив ќе го зафати хистерија, и веднаш ќе почнат да плукаат по играчите, тренерот, сопственикот…
Друг дел ќе ги зафати она ‘тренерското’ во нив и ‘стручноста’ во сите области, па ќе ги откријат сите причини за неповолниот резултат. Мал дел можеби и налутени, нема да дојдат на следниот натпревар, и ќе го чекаат следниот пораз за да ни ги изговорат подлите зборови – “ви реков”…
Има секакви, се разбира сите ние размислуваме различно, и веројатно сите му мислиме добро на клубот на свој начин. Но само најверните ќе ја задржат енергијата, вербата и љубовта на истото ниво, и во победите и во поразите. Само најверните ќе се охрабрат да се надеваат дека чуда се можни, но и само најверните ќе бидат покрај Вардар дури и кога не би имале никакви шанси.
Го известуваме нашето членство дека решивме да го поддржиме Вардар на реванш мечот против Веспрем во Унгарија. Поаѓаме во Вторник вечер“, објавија од навивачката група.










