Патот кон Полска и Шведска, домаќините на Светското првенство следната година е навистина тежок. Пред македонската ракометна репрезентација стои име како што е Чешка. Противникот е добро познат, а низ историјата имаме победи и порази. Со оваа селекција игравме и бараж мечеви, секогаш истите биле навистина пеколно тешки.
Во Злин, на првиот меч, Чешка ќе не пречека со нов селектор, Шпанецот Хавиер Сабате. Цврстата одбрана и квалитетната транзиција е најсилното оружје на оваа репрезентација, анализира Жарко Пешевски.
„Репрезентацијата на Чешка има нов селектор, со шпански тренер на клупата и нов систем на игра, за нив ова ќе биде втор заеднички собир пред дуелот со нас. Секако станува збор за квалитетна репрезентација што ја одликува цврста одбрана и квалитетна транзиција, се знае кој што и како игра, сите имаат свои задачи и точно знаат што играат. Ги анализираме и слободно можам да кажам дека детали ќе одлучуваат која од овие две селекции ќе се пласира на СП“, ни изјави Пешевски.
Она што ги радува репрезентативците е што реваншот се игра во Скопје. Па со полна сала, добра одбрана на двата дуели, Македонија може да го завери мундијалскиот билет и да го продолжи континуитетот на редовни учества на големите натпреварувања.
„Пред нас е тешка задача, првиот натпревар го играме во Злин. На гостински терен сите знаеме дека треба да си совршен за да дојдеш до позитивен резултат. Реваншот го играме во Скопје, се надевам дека тогаш вулканот повторно ќе еруптира како против Романија и ќе стигнеме до посакуваниот триумф во вкупниот резултат. Според мене, клучно ќе биде да се одигра на највисоко ниво во одбраната. Сигурно и нападот е значаен, но знаеме колку тврд ракомет игра Чешка и мислам дека оној кој подобро ќе ја склопи дефанзивната зона и ќе се адаптира на противникот, ќе стигне до мундијалски билет. Секако, оптимист сум дека тоа ќе бидеме ние“, смета репрезентативниот пикер.
Македонската ракометна репрезентација утре (17:40 часот) со чартер лет патува за Злин.