Лазаров: Верувам во победа над Чешка, имаме квалитет!

153

По ремито во Злин (24-24), селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров и неговите момци имаа доволно време да го анализираат мечот, но и да се издигнат по тешката психолошка битка на теренот, бидејќи утре ги чека уште потешка задача.

Точно е дека играат на домашен терен, пред 7.000 фанови, но од друга страна картите веќе се отворени, па и Чешка, исто како нас, на оваа одлучувачка пресметка за место на Светското првенство, ќе влезе на се или ништо. Лазаров верува во квалитетите на тимот, останува само на дело да се спроведе она што ќе се договорат.

„Ние сме задоволни како одигравме, иако можеше многу подобро да поминеме резултатски. Меѓутоа, по (не)преспиените две ноќи, можам слободно да кажам дека Чешка малку нè потцени, без да ги оспорам нашите играчи, напротив сакам да ги пофалам, затоа што дадовме еден екстра квалитетн натпревар, можеби еден од подобрите во изминативе неколку години. Затоа очекувам уште поквалитетна, уште поцврста Чешка и уште поподготвена тактички и стратегиски. Не ме плаши воопшто, меѓутоа треба да бидеме внимателни и сме внимателни засега. Мислам дека имаме доволен број на искусни играчи во екипата, со голем број вакви натпревари одиграни, за да ја искористиме предноста публика и 7.000 гледачи ветер во грб, а не да ни биде дополнителен притисок. Важно е она што ќе го договориме, да го спроведеме на терен, да бидеме свои, да знаеме што треба да правиме, а публиката да ни биде дополнителен мотив, кој секогаш многу ни значи, за да можеме заедно да славиме и да се пласираме на СП. Имаме добри шанси, добар резултат, имаме и доволно време и да одмориме и да потренираме малку и да подготвиме уште еден квалитетен натпревар во недела“, изјави Лазаров.

Најдобриот ракометар на сите времиња верува во пласман на Светското првенство, верува во победа. Свесен е дека Себате ќе направи промени, но тој и неговиот стручен штаб се претпазливи и подготвени да одговорат.

„За првиот натпревар немавме материјал, но човек кога е во тесно ќе се снајде. Го анализирав Сабате на еден друг начин и мислам дека Чешка не нè изненади со ништо. Одигра она што го очекувавме дека ќе го игра и затоа резутлатот беше таков каков што беше. Секако дека Сабате е квалитетен тренер кој во минативе години го покажа тоа и во Веспрем и во репрезентацијата на Унгарија и сега во Висла. Треба да бидеме претпазливи, бидејќи тој секако ќе проба да направи некое изненадување. Колку тоа ќе успее да го направи со играчи кои не ги познава добро, за овој период од два-три дена, тоа ќе видиме. Меѓутоа нашиот стручен штаб разговара, претпазливи сме и фокусирани на секој детаљ и се надевам дека ако има нешто ново во натпреварот, ќе го забележиме во првите 5-10 минути и ќе се обидеме да го пренесеме на играчите. Се разбира, без да го нарушиме она што сме го договориле. Јас имам позитивни вибрации, позитивна мисла и мислам дека имаме квалитет да одиграме добар натпревар и да славиме, па макар тоа било и со еден гол разлика, важно да ја оствариме целта“, додаде Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Чешка се игра утре со почеток во 19 часот, билетите за оваа средба веќе се распродадени.

ПретходноСрбинот потврди дека го напушта „Олд Трафорд“
СледноМиклован Пере: Го респектираме Борец, но Струга ТЛ оди по трите бода во Велес!