Марија Ковачева
Вечерва својот последен меч во дресот на Македонија го игра и Филип Миркуловски. Синоним – за борбеност, пример за сите идни генерации како се сака својата татковина.
Популарниот Жути веќе еднаш кажа збогум, но се врати. Не можеше да го одбие повикот на Лазаров, заедно со останатите поискусни репрезентативци да им помогнат на генерациите што доаѓаат во патот на созревање.
Не се двоумеше, едноставно за него Македонија е најважна, подаде рака и се врати на терените.
Лавовски ги одигра сите натпревари, лавовски ги издржа сите удари, тој е мотив за останатите репрезентативци. Испрати порака – националниот дрес е светост, секој кој што ќе го облече мора да гине до последната секунда.
Така беше и овој пат, не се штедеше, го остави срцето на терен. Во напад, влегуваше во секоја битка, без да размисли дали ќе биде повреден или не, колку сурова ќе биде одбраната. Го водеше неговото големо срце.
И тој како сите останати посакува вечерва да биде запаметена, посакува победа над Чешка за пласман на Светското првенство 2023 година, посакува 7.000 навивачи во СЦ „Борис Трајковски“ да направат атмосфера за паметење.
„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со „хепи енд“, да победиме и да се пласираме на Светското првенство“, изјави Миркуловски, кој останува како дел од стручниот штаб на новата Македонија која полека, но сигурно се крои, а има и од кого да научи.
Имињата на Миркуловски и Лазаров со златни букви ќе бидат испишани во историјата на македонскиот ракомет.
Капа доле Жути – нека биде победничко збогум!