Дебитанската сезона во прволигашкото друштво за Алкалоид дефинитивно е од соништата. Ракометарите на овој тим, кој ветува многу и вложува во младите генерации, на четири кола до крајот на плеј-офот во Првата лига стави печат на својот билет за Супер-лигата.
Алкалоид го совлада Младост на гостински терен со убедливи 21-40 во рамките на петото коло и веќе стана недостижен за останатите екипи. Избраниците на Љубомир Савевски без проблем го решија и овој натпревар. По првите 30. минути поведоа со 10-20, откако претходно дуелот го отворија со 3-10.
Во продолжение дадоа уште толку голови, и во свој стил завршија уште еден дуел.
Костовски и Кофиловски имаа по шест гола, пет запиша Ивановски, додека еден помалку имаа Серафимов и Симоноски. Во редовите на Младост, Михајловиќ запиша седум погодоци.