Репрезентацијата на Швајцарија по шест години постигнува седум голови на еден натпревар. Тогаш против Сан Марино, а сега го распарчи Лихтенштајн со 7:0 и покрај тоа што во првиот дел имаше водство од само 1:0 и ситуацијата не наговестуваше убедлива победа.
Гаврановиќ со гол во 19. минута ја доведе Швајцарија во водство. Во второто полувреме селекторот Владимир Петковиќ направи серија на измени, па неговите момци ја изрешетаа мрежата на гостите.
Фаснахт даде два гола, автогол си даде Фрик, уште два гола даде Гаврановиќ со што заокружи хет-трик, а точка стави Едмилсон Фернандес со погодокот во 85. минута.
Ова е петти пат во историјата Швајцарија да постигне седум гола на еден меч (претходно во 1925, 1967, 1991, 2015 и сега 2021).
Швајцарија е учесник на ЕП и е во групата А заедно со Турција, Италија и Велс.
Во Ла Вела играа Андора и Република Ирска. Ирците победија со 4:1 иако имаа негатива од 1:0. Андора поведе со голот на Валес во 52. минута, а потоа Ирците го свртија резултатот – два гола даде Парот, еден Најт и еден Хорган.