Сопствениците на Манчестер Сити во наредните денови ќе комплетираат уште една зделка, ќе вложат пари во култниот сицилијански клуб Палермо. Поранешниот клуб на Александар Трајковски и на Илија Несторовски ќе добие стабилност и ќе може конечно да излезе од голготата во која се наоѓа во последните неколку сезони.
Угледниот италијански новинар Џанлука Ди Марцио ексклузивно пренесува дека сопствениците на Сити купуваат 80 остсто од акциите на Палермо, а веста ја потврди и Скај Спортс кој додава дека само прашање на време е кога тоа ќе стане официјално.
Шеикот Мансур ќе плати околу шест милиони евра, а Палермо освен финансиска стабилност ќе добие и играчки засилувања кои ќе треба да го вратат клубот во Серија А. Моментално популарниот сицилијански клуб се натпреварува во Серија Ц.
Со тоа Сити Фудбал Груп ќе има 12 клубови во своја сопственост. Моментално, покрај Манчестер Сити на списокот се Троа (Франција), Џирона (Шпанија), НАЦ Бреда (Холандија) и Ломел (Белгија). Тука се уште Атлетико Торке (Уругвај), Њујорк Сити (САД), Мелбурн Сити (Австралиа), Мумбај Сити (Индија), Сичуан (Кина) и Јокохама Маринос (Јапонија).