КОМЕНТАР НА 30.КОЛО: „Зоврива“ битката за Европа…и Шкупи има право некогаш да се опушти!

1314

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Викендов се одиграа сите шест натпревари од 30.коло во ПМФЛ. Без некои посебни изненадувања, а најинтересно или супер интересно беше во Ѓорче, во дербито каде Македонија ЃП со 1:0 ја победи А. Пандев во битката за Европа.

Па така сега на три кола до крајот и тоа како се вжешти, односно “зовре“ битката за втората и третата позиција на табелата. Сега Шкендија, која во саботата го победи Работнички, има 59 бодови, А, Пандев има 58 а “лавовите“ 56. Значи сите три екипи се “набиени“ во само три бода а до крајот има уште три кола.

Сепак, да не заборавиме. Македонија ЃП има уште една шанса да излезе во Европа, и тоа преку Купот каде во финалето се среќава со Силекс.

Вчера Македонија ЃП и А. Пандев одиграа тензична средба, со многу нервоза, два пенали, и слаб настап на Сефер Емини, најдобриот фудбалер на тимот од Ѓорче оваа пролет. Изгледа дека промашениот пенал во 8.минута психички го „растрои“ одличниот играч за врска кој подоцна не играше ништо.

Сепак, искусниот Ермедин Адем во финишот од пенал го даде тој посакуван гол и со тоа им донесе три бода. Иако прими гол, според авторот на овој текст, играч на натпреварот беше голманот на гостите Марко Јовановски.

Рековме веќе, Шкендија го победи Работнички, а интересно беше во Битола каде Пелистер и Тиквеш одиграа 1:1. Со истиот резултат заврши мечот меѓу Ренова и Струга ТЛ, меч по кој ќе се памети мајсторијата на гостите во изведба на Немања Босанчиќ.

Борец го победи Скопје а многу врева се дигна по убедливата победа на Брегалница, и тоа со 4:1, над Шкупи, новиот шампион на Македонија.

Секако дека не треба да се потценува овој успех на “сините“, исто така треба да се каже дека и шампионот има право да се опушти, но зарем во Брегалница мислат дека ако на тимот на Гоце Седлоски му требаа бодовите дека крајниот исход ќе беше навистина 4:1.

И тоа како се лажат…

Оваа Брегалница ни во сон не може да си замисли дека, ако на Шкупи му требаше, може да слави над овој тим на Седлоски и тоа со 4:1.

Ако веруваат, тогаш се во голема заблуда…

ФОТО: FK Makedonija GP FB

ПретходноСудии за ПМФЛ: Грујоски ќе им суди на “пандевци“ и Шкендија, Ставрев “главен“ на Чаир!
СледноПипен повторно го “пецна“ големиот Мајкл!