Со Барди се отвараат повеќе опции, сепак на ЕВРО веројатно ќе играме во формација 3-5-2!

3526

Енис Барди, еден од нашите најдобри фудбалери е негативен на последниот Ковид-19 тест и ќе може да настапи на претстојното ЕП. Тоа вчера беше топ веста во фудбалска Македонија.

Секако дека најрадосен е нашиот стручен штаб, посебно ако се знае дека Барди е еден од нашите клучни играчи во тој офанзивен дел од средниот ред во репрезентативниот тим.

Со него во составот сега се отвараат повеќе опции. Посебно ако се знае или претпоставува дека селекторот Ангеловски на ЕП ќе игра во формацијата 3-5-2, она што е негова омилена формација, а и она што се “вежбаше“ на пријателски мечеви со Словенија и Казахстан.

Нашата репрезентација првиот меч на ЕП ќе го одигра на 13 јуни, потоа се среќаваме со Украина на 17 јуни, и двата меча се играат во Букурешт, за да на 21 јуни гостуваме во Амстердам, каде ќе ги одмериме силите со Холандија.

Е сега ако веќе ќе настапиме со формацијата 3-5-2, тогаш кои се опциите на Ангеловски?

Се разбира дека на голот е Димитриевски, таа тројка позади би била Велкоски и Муслиу, кои се неприкосновени, како и Бејтулаи. Тука е и Кире Ристевски.

Десно во средниот ред е Стефан Ристовски, кој може да игра и во таа “тројка“ позади, како што беше со Казахстан, додека лево е Алиоски, кој пак може да игра лев бек ако веќе смениме во 4-4-2. Адеми, Барди и Николов, е таа „линија“ во средниот ред, и се разбира Елмас и Пандев во нападот.

Ова е за очекување, но се очекува селекторот да има некои “изненадувања“. Со оглед дека го нема Несторовски, во некоја друга формација како класичен шпиц би играл Трајковски или Тричковски. Додека во средниот ред се Костадинов, Спировски, Аврамовски. Има повеќе опции како што рековме, да не заборавиме дека тој на располагање има 23 +3 играчи.

Ќе видиме за што ќе се одлучи, иако најблиску е до составот: Димитриевски, Бејтулаи, Велковски, Муслиу, Ристовски, Николов, Адеми, Барди, Алиоски, Елмас и Пандев во формација 3-5-2.

ПретходноБруклин може и без Харден, Адетокумбо не може сам (ВИДЕО)
СледноФедерер најави повлекување од Ролан Гарос: Би сакал да сум како Новак и Надал