Машката одбојкарска репрезентација денеска против Данска ќе се бори за пласман во Сребрената лига. Поради важноста не мечевите, нашите најдобри одбојкари дуелите ги играат пред публика во салата „Парк“ во Струмица.
Точно е дека и натаму е забрането да има навивачи на спортски натпревари во затворен простор, но раководството на Одбојкарската федерација испрати барање до Владата да направи отстапка, истото беше прифатено.
И сето ова е одлично. Но, се чини во Струмица владеат посебни закони. Во салата никој не ги почитуваше мерките за заштита од ширење на пандемијата коронавирус, МАСКИТЕ ПАДНАА.
Никаде во ниту една одредба во време на пандемија не стои дека во затворен простор може да се седи без маска, макар биле вакцинирани или пак имале ПЦР-тест.
Ќе рече некој не е време сега, денеска се игра финале. Е токму ова финале и вчерашната средба можат да чинат човечки живот. Дали победа или пораз ќе успеат истиот да го вратат. Па, ако не мислат на себе, нека мислат за здравјето на нашите репрезентативци. Во изминатиот период бевме сведоци на многу трагично загубени животи.
Владата која дала амин на ОФМ е на потег, ако има еднакви закони, истите нека важат за сите – МАСКИТЕ НЕ СМЕАТ ДА ПАДНАТ!
Згора на се и ОФМ се пофали како е убаво да се игра пред публика, споделувајќи фотографии на кои навивачите ниту држат дистанца, а уште помалку носат маски на затворен простор!










