Втората финална пресметка за титулата понуди вистинска битка, истата беше решена по продолжение, а како победник излезе Пелистер кој славеше со 82-79. Битолчани успеаја да го возратат ударот и да изедначат на 1-1, и воедно да ја прекинат серијата на актуелниот првак од 12 победи во низа.
Малешевиќ со 20 поени и 13 скока беше прв стрелец, токму тој и ги даде последните поени за својот тим во продолжението, 15 поени имаше Кесар, кој поради пет лични грешки мораше да го напушти теренот. На другата страна Војдан имаше 16 поени, Ајви 14.
Една поинаква слика во салата „Боро Чурлевски“ за разлика од првата средба во Скопје. Трибините беа полни, домашните кошаркари влегоа мотивирано. Поведоа со 5-0, највисоката позитива беше на истекот на десетата минута (20-15). МЗТ Скопје како да не можеше да го пронајде вистинскиот ритам. Пелистер поведе со 31-23 во 16. минута, период во кој противникот имаше четири загубени топки во низа. Гостите конечно одиграа добри минути, доближија на 33-31. Но, битолчани не дозволија кам-бек, на одморот заминаа со 39-31.
Во второто полувреме гостите отворија со серија од 5-16, на средината на третата четвртина поведоа со 44-47, прво водство на оваа средба. Се разиграа Рикиќ, Милошевиќ, Дамјан, Војдан и Дејвис. Како по некое правило, овој период секогаш е во нивна корист, но поради негативата од претходно, не успеа да дојде до поголема позитива.
Во последната четвртина двата тима влегоа со егал 51-51. Со 6-0 серија тргнаа битолчани за 57-51. Живците попуштија на двете страни, судиите поделија и технички грешки. Гостите не ги користеја дадените шанси, па Пелистер имаше 65-58. МЗТ со серија 5-0 намали на 65-63 за драма на нецели четири минути до крајот. Долго време стоеше овој резултат, Војдан го прекина постот, израмни на 65-65.
Стајиќ со тројка зголеми на 68-65, па украде топка, Кесар дојде на 70-65. Војдан и Ајви израмнија на 70-70. Ајви и Милошевиќ не погодија за победа, па дуелот беше решен во продолжение. И таму се водеше тесна битка, вистинска игра на нерви, на крајот победата ја однесе Пелистер, Малешевиќ во финишот три пати беше прецизен од линијата за слободни фрлања, МЗТ Скопје не искористи два напади.
Третиот финален меч се игра во Скопје за два дена.