Во текот на утрешниот ден се очекува од ФК Ренова и официјално да го известат ФФМ дека нивниот тим во новата сезона нема да се натпреварува во Првата лига и дека клубот од Џепчиште ќе се пресели самоиницијативно во понизок ранг. Потрошени премногу средства во изминатите години без никаков епилог е причината за ваквиот потег на долгогодишниот спонзор на клубот. Тоа се главните причини поради кои е подвлечена линија и кажано е доста за големи инвестиции во фудбалот.
„СПОРТМЕДИА“ дознава дека веднаш по најавата за повлекување на Ренова до челните лица на клубот имало јавувања. Безуспешен обид на спонзор од Турција кој сакал да инвестира во клубот, но интерес и од ФК Вардар кој бил заинтересиран да го превземе местото во елитата од ФК Ренова. Првиот човек на Ренова ваквите обиди експресно ги одбил со зборовите дека не верува во никој и дека не сака да се валка неговото име од непроверени спонзори и наводни инвеститори. Врелиот „компир“ наречен Ренова сега оди во рацете на ФФМ, од каде треба да одлучат како и на кој начин ќе го најдат „дванаесетиот“ тим за новата сезона од Првата лига.
Бараж помеѓу Беласица и Воска не е можен со оглед на тоа дека двата клуба веќе се на пауза, ги распуштија играчите и тренерите. Но и двата тима во моментов немаат финансиска безбедност за елитата во следната сезона.
Најреално е да има ждрепка а може и да се бара стабилни финансиски гаранции. Во таа игра за Прва лига сега остануваат дури и екипите на Борец и Пелистер, кои испаднаа од елитата. На фудбалот во Првата лига не му треба клуб без финансиска подлога кој би бил топовска храна, опасност од сомнителни натпревари… Треба стабилен клуб на местото од Ренова.
ФК Вардар е секогаш алтернатива, но и клуб кој има голем проблем а тоа е долгот од 2,2 милиони евра поради кој е можно СТОП за Прва лига од УЕФА и ФИФА.
Ќе биде весело ако Ренова утре и официјално се откаже и како ФФМ ќе најде нов клуб за елитата. Интересот е голем, редот го сочинуваат 3-4 екипи.