Ганскиот репрезентативец Осман Букари е второто засилување за српскиот фудбалски шампион Црвена Звезда во летниот преоден рок. Букари доаѓа од белгиски Гент, има 23 години, игра како лево крило, а претходната сезона играше како позајмен во Нант со кого го освои Купот на Франција. „Црвено-белите“ за него платија 2 милиони евра.
„Тоа е играч каков што долго не сме имале, класично крило, а очекуваме од него да ја забрза нашата игра, да се наметне на тренерот Дејан Станковиќ и да биде асистент на многу голови“, изјави спортскиот директор Митар Мркела.
Пред него Црвена Звезда потпиша и со Кингс Кангва, репрезентативец на Замбија кој дојде од редовите на Арсенал Тула.