Повратникот во англиската Премиер лига Нотингем Форест е на пат да го урне клупскиот трансферен рекорд за 24-годишен напаѓач. „Шумарите“ се блиску до трансфер на нигерискиот голгетер Таиво Авони кој треба да дојде од редовите на Унион Берлин.
Според германските медиуми, Нотингем ќе плати околу 17,5 милиони фунти за напаѓачот кој веќе се збогувал со своите соиграчи и во текот на денешниот ден треба да летне за Англија.
Авони беше дел од Ливерпул, но поради проблемите со работната виза тој не одигра ниту еден меч за „Црвените“, па беше позајмуван во различни клубови, пред да биде продаден во берлинскиот клуб. А ако се реализира оваа зделка Ливерпул треба да добие 1,75 милиони фунти.
Нигериецот даде 20 гола во 43 меча за Унион минатата сезона.
Истовремено Нотингем ги контактирал луѓето од Мајнц за централниот бек Муса Ниаките но германскиот клуб ги одбил нивните 8,6 милиони фунти (10 милиони евра). На списокот на Нотингем е и фудбалерот од средниот ред Морган Гибс-Вајт од Шефилд Јунајтед.