Рубин Стефанов: Не чувствувам притисок! Се надевам дека ќе ја оправдам довербата!

2127

Рубин Стефанов на 17 години доби шанса да биде дел од најдобриот национален тим. Една од најголемите македонски надежи е син на легендарниот кошаркар, Врбица Стефанов. За разлика од неговиот татко, Рубин многу порано се најде на еден потесен список, селекторот Драган Бајиќ одлучи на последните две квалификациски средби од првата фаза за место на СП 2023 да го повика.

17-годишниот член на Канту не криеше задоволството што во следниот период ќе помине со А репрезентацијата и ќе има шанса да ја оправда довербата.

„За секој млад играч најголемиот сон е да биде дел од најсилната национална репрезентација на својата земја. Голема чест е што добив и повик, и што имам шанса да тренирам и да учам од најдобрите. Ова е големо искуство, мотив за понатаму.

Ќе го дадам максимумот на секој тренинг, се надевам дека ќе ја оправдам довербата на селекторот Бајиќ, му благодарам за укажаната шанса“, ни изјави Рубин Стефанов. 

Вели дека не чувствува притисок што токму е син на познатиот Врбица Стефанов.

„Не чувствувам притисок. Секако мојот татко има успешна кариера зад себе, го носеше дресот на Македонија, што пак претставува мотив за мене, да го стигнам, па дури и да го надминам. Но, за тоа треба време, напорно тренирање и откажување од многу работи“.

Македонија во среда патува за Шпанија, на први јули во Сарагоса ќе ги одмери силите со актуелниот светски првак, додека три дена подоцна во Скопје ја пречекува Украина.

ПретходноПромоција: Зука и официјално е нов “лав“! (ФОТО)
СледноДвајца шпански репрезентативци го тужеле Вардар 1961?