Македонската кошаркарска репрезентација за утрешниот дуел (18 часот) против Украина, последен од првата квалификациска фаза и последен за „црвено-жолтите“ во битката за место на СП 2023 година, најверојатно ќе има промени во составот.
На денешниот единствен тренинг пред оваа средба, Драган Бајиќ не сметаше на Виктор Ефремовски и Теодор Симиќ, двајцата се надвор од терен поради покачена температура. Тие веќе ги направиле сите потребни прегледи, дури и направиле и Ковид-19 тест, кој бил негативен. Утре заедно со останатите кошаркари ќе направат нови тестови за коронавурс, според правилата на ФИБА.
Бајиќ во составот ги врати Валмир Какруки и Страхил Николов, кои отпаднаа од списокот за мечот со Шпанија во Сарагоса.
Влезот на утрешната средба во СЦ „Борис Трајковски“ е слободен, нашите момци очекуваат поддршка од трибините, иако имаат пет порази во низа, сепак сите кои се најдоа во составот заслужуваат да добијат ветар во грб од домашните навивачи.