„Мериот гранд“ хотел во Букурешт е местото кое е база на нашиот национален тим во пресрет на ЕП во фудбал, кое почнува за некој ден. Токму во овој хотел денеска не можеше ниту пиле да прелета. Македонските фудбалери пристигнаа во престолнината на Романија, но во елитниот хотел ќе преспие и претседателот на Израел, Шаим Веизман, кој е во официјална посета на оваа земја. На сите страни агенти на „Мосад“, кои внимаваат и на најситни детали.
Токму затоа и настана нервоза и подолго време за „чекирање“ на собите на нашата експедиција која на пладне стигна во Букурешт.
Во првиот историски рапорт од пристигнувањето на Македонија на ЕП, СПОРТМЕДИА ви пренесува и за тоа дека фудбалерите и стручниот штаб се позитивно расположени, има одлична атмосфера со исклучок на тековните проблеми како споменатиот со агентите од Израел, но и онаа гужва низ улиците на Букурешт кога фудбалерите со брендираниот автобус се возеа 90 минути од хотелот до стадионот на Стеауа.
Романците се обидуваат да бидат добри домаќини, жителите на овој град кога не можат да навиваат за својата се надеваме дека ќе им дадат поддршка на нашата репрезентација.
Го споменавме хотелот „Мериот гранд“. Станува збор за луксузен објект, кој дава секаков конфор на фудбалерите. Сепак поради протоколите и мерките на безбедност поради коронавирусот, нашата експедиција има посебни работи и тоа:
– Сите се сместени на четвртиот спрат од хотелот каде не смее да има други гости.
– Посебен лифт кој може да го користат само фудбалерите и лицата од нашата делегација.
– Посебна просторија за појадок, ручек, вечера.
– Обезбедување кое се грижи за безбедноста на фудбалерите.
Вреди да се напомене дека пред почетокот на првиот официјален тренинг на стадионот на Стеауа нашите фудбалери беа срдечно пречекани од претставниците на УЕФА, но и од претставниците на фудбалската федерација на Романија кои учествуваат во организацијата на ова ЕП 2020.
Фудбалерите и стручниот штаб ги поздрави и нашиот амбасадор во Романија, Габриел Атанасов.
Тоа е првиот рапорт од Букурешт поврзан за нашите фудбалери и нивниот престој во земјата, каде во недела го играме историскиот прв меч на големите натпреварувања и тоа против Австрија од 18 часот.