Врбица Стефанов: На кого му смета Рубин, чии инструкции спроведува Симиќ?

2564

Додека кошаркарска Македонија се обидува да мрдне од мртва точка, во младите национални тимови се случуваат чудни работи. Денеска Тони Симиќ, предводникот на репрезентацијата до 18 години го нарече еден од најголемите таленти Рубин Стефанов за непрофесионалец. Оваа изјава ќе биде на место доколку тој имаше спроведено исти правила за неговиот син Тео, кој игра во истата репрезентација.

По скандалозната изјава на Тони Симиќ се огласи, Врбица Сефанов, легендата на мак-кошарка и татко на Рубин. Врба својата кариера ја мина без скандали, ниту по завршување на истата никогаш не се обидувал, ниту се обидувал да ургира за својот син, неговата визија била со пот и талент да се бори на теренот. Но, како што велиот тој не очекувал дека може да се направи едно вакво сценарио, особено кога се работи за националниот дрес.

„Крајно сум разочаран од сето она што Симиќ го има изјавено за официјалниот сајт на федерацијата. Добро се познаваме, лично ме боли што не ми јави да ми го каже сето ова лично мене, туку сакаше да го обели образот преку медиумите, како едвај да чекаше Рубин да се откаже, за да нема грижа на совест тој или пак некој друг.

Колку и да не сакам да мислам, сега веќе сум убеден дека целата приказна има своја позадина. Некој не сака Рубин да биде дел од оваа репрезентација. Тој е бојкотиран уште првиот ден од подготовките, ставено му е до знаење дека не е посакуван во таа средина. Тука се вмешани сите помали тренери, заедно со Симиќ, кој спроведува нечии инструкции или пак сака да остави простор за да неговиот син да си направи шутерско шоу на натпреварите.

Никогаш до сега се немам вмешано во ништо, ниту сум побарал нешто од некого, ниту за мојот син, ниту пак за мене лично. Сметам дека местото во репрезентација се добива со напорна работа и со квалитет“, ни изјави Врбица Стефанов.

Врба потенцира дека неговиот син не е случајно заминат во странство, дека и порано имал притисок. Вели дека ако еден тренер бара професионализам, тогаш истиот мора прво да го покаже неговото дете (мисли на Тео).

„Рубин не е случајно заминат во странство. Притисокот го имаше уште како мал, тренерчиња му ставаа етикети, кои навистина не можам да ги сфатам зошто се така. Ниту на сон не помислував дека кога ќе дојде време за репрезентација ќе биде истото, не очекував дека луѓето можат да бидат толку злобни, дека националниот дрес е нечии интерес, а не интерес на државата.

Симиќ зборува за непрофесионализам. Му се чудам, искрено. И самиот добро знае што е непрофесионализам, најдобар пример е неговиот син. За жал, дојде време да ги напаѓаме децата. Па, неговиот син речиси секој тренинг рогаше баскети, зошто тогаш не покажа професионалност, зошто сака да го казни Рубин.

Претходно му се јавив, го прашав дали има нешто да пријави за Рубин, за да можам јас како родител да реагирам, да го поправиме однесувањето. Тој ме убедуваше во спортивното, дека Рубин е супер дете и дека се е во најдобар ред.

Криво ми е што го спроведоа она што го замислиле, да го прикажат Рубин како непрофесионалец“.

Рубин на 14 години беше дел од Андолу Ефес, тогаш му понудија турски пасош, но Врбица ги одби. За него важна беше Македонија.

„Од денешна гледана точка исто ми е криво што јас на 14 години го учев дека за Македонија секогаш треба да биде тука, да го сака националниот дрес, таа љубов му ја пренесував цело време. Се чини дека згрешив. Ние свесно ги одбивме Турците, зошто за мене има само еден дрес, а тоа е македонскиот тим. На ваков начин го воспитував и Рубин“. 

ПретходноТен Хаг ќе добие неверојатен бонус доколу Јунајтед се пласира во Лигата на шампиони!
СледноНедановски прозиваше: РК Вардар ги стартуваше подготовките! (ФОТОГАЛЕРИЈА)