Убедливиот пораз од Германија во разигрувањето за деветото место на Светското првенство за кадетки кое се одржува во Скопје, најмногу тешко му падна на селекторот Љубомир Савевски.
Предводникот на нашиот национален тим не бега од одговорноста, нешто што ретко може да се види особено во дел од другите спортови на национално ниво.
Савевски излезе со нова изјава по дуелот со Германија потенцирајќи дека желбата за 1/4 финалето и насочените сили токму кон оваа цел, имаат свое влијание за слабото издание против една велесила како Германија.
“Јас ја преземам вината и одговорноста за денешниот пораз и начинот на кој ја одигравме оваа средба. Изгоревме на претходните натпревари, премногу се истрошивме и денеска не бевме на потребното ниво. Премногу го посакувавме пласманот во 1/4 финалето и игравме само на таа карта. Ризикував, малку играчи го носеа товарот, но тоа беше цената што бев спремен да ја платам за пласман во 1/4 финалето. Штета, не успеавме. Истрошивме премногу сила и енергија за тој пласман и денеска тоа ни се одрази во играта, изјави селекторот Савевски.