Кирил Дојчиновски: Фудбалскиот ЏЕНТЛМЕН…

690

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Фудбалска Македонија, како и целиот фудбалски Балкан се во шок. Од синоќа не е веќе со нас Кирил Дојчиновски или Кире, како ние милувавме да го нарекуваме. На 78 години почина легендата на мак – фудбалот, еден од оние кои сите ние ги почитувавме, ги респектиравме, пред се како личност, карактер а потоа се разбира и како фудбалер и тренер.

Не треба да се трошат зборови за Кире. Прв Македонец кој бил дел од еден Мундијал, човек кој беше дел од онаа легендарна генерација на Ц. Звезда, која беше непобедлива на овие простори, титули и титули со Кире во одбраната освојуваше.

Се разбира оние повозрасните го паметат и како фудбалер на Вардар, легенда на нашиот најтрофеен клуб. Играше и во странство а како еден од најдобрите дефанзивци во негово време беше дел и од репрезентацијата на екс – СФРЈ.

Тренерската кариера му минуваше по странство, но и во Вардар, Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево, Брегалница Штип.

Кире беше пред се господин. Редок вид на фудбалски ЏЕНТЛМЕН.

Никој немаше да каже лош збор за него.

Го паметам уште пред 20 години кога во неколку наврати му земав изјави, тогаш јас како новинар во “Македонски спорт“. Секогаш расположен, душа од човек, колку ли си само знаеше фудбал. Во неколку реченици ќе ти објасни како тоа неговата екипа ќе игра. Ги респектираше сите, но посебно ги почитуваше своите играчи.

Таков беше, секогаш тој лично се ставаше во втор план.

Македонија може да се горее што го имаше, но треба да се каже и ова. Кога на Кире му беше најтешко, никој, речиси никој не му помогна. Сам со неговото семејство се бореше со тешката болест долги години, со големите маки што ги имаше и не се предаде. Таков беше Кире…голем борец, ненаметлив.

Му помогнаа тие што не се од Македонија.

И кога му беше најтешко знаеше во друштво да се насмее, да каже некоја шега.

Дека беше легенда и е легенда говорат сите написи во медиумите не само во Македонија, туку и на Балканот во текот на денешниот ден за тоа дека починал.

Неговата Ц. Звезда во манир на голем клуб се прости од својот Кире, се разбира ФФМ, потоа разни познати и непознати. А од Вардар ни трага на глас, барем не додека го пишувам овој текст. Но Вардар сега, со ова раководство, повеќе личи на…, ај сега да не навлегувам во детали, и прашање е дали тие таму знаат кој беше Кире Дојчин?

Не верувам.

Можеби не е време ни место за ова, но морав да го кажам, гневен од тоа како сегашниот Вардар се однесува со такви легенди како Кире.

На крај…што да се каже…

КИРИЛ ДОЈЧИНОВСКИ…си замина. Го нема веќе фудбалскиот ЏЕНТЛМЕН.

П.С.

Се сеќавам на едно септемвриско утро во таа 1987 година кога се обидував да се запишам на факултетот за Туризам во Охрид. Повеќе момци и девојки на свои 18-19 години чекаа да влезат една од просториите за да се обидат да го положат приемниот. Тогаш првпат во живо го видов Кире и му пријдов, за мене како мал фудбалски фан тој беше фудбалска величина. Тој беше со својата ќерка и ни рече дека не смееме да препишуваме, мора приемниот да се положи на чесен начин.

Сега не се сеќавам дали препишувавме, ама знам дека јас не останав во Охрид.

Кога тоа по некои 15 години му го кажав, сега како новинар, тој се насмеа…

ПретходноМајката на Рабио повторно на „сцена“: Не сака да преговара со Тен Хаг, туку со директорот на Манчестер Ј.
СледноОфицијално: Тодороски во дресот на Сумгаит!