Баерн Минхен добро ја почна сезоната во Бундес лигата. Иако остана без Роберт Левандовски, сепак, донесе неколку квалитетни засилувања како Де Лихт, Садио Мане, Гравенберг, Мазруи и Тел.
Нивното доаѓање може да донесе немир кај одредени фудбалери-староседелци кои се надеваа на стандардно место во новата сезона. Јулијан Нагелсман предупреди на можни проблеми во текот на сезоната.
„Можно е да има конфликти меѓу играчите како што напредува сезоната. Тоа дефинитивно ќе дојде во одреден момент и не можеме да го спречиме ниту со темелни разговори. На почетокот на летото секој играч дојде во мојата канцеларија и се согласи дека ни се потребни нови фудбалери за да бидеме поконкурентни.
Бараа конкуренција – ете, направивме. Засега не гледам никаков проблем. Но тоа нема да трае долго. Очекувам да има и тензии меѓу некои фудбалери. Според мене нешто зависи и од самите фудбалери. Некои досегашни првотимци ќе треба да седат на клупа некои време, но треба да разберат дека тоа е дел од нивната работа.
Ако можеме да ја задржиме оваа атмосфера во тимот што е можно подолго како што одминува сезоната, тогаш можеби ќе ги постигнеме посакуваните цели. Би сакал фудбалерите да бидат постојано добро расположени па откако ќе заврши сезоната да кажат: ‘Јас сум од Баерн, таму има голема конкуренција‘“, изјави Нагелсман.
Баерн денеска игра во гости против Унион Берлин.