По еден ден одмор, денеска ќе се одиграат два четвртфинални натпревари на Европското првенство. Шпанија против Финска ќе бара билет за полуфиналето (17:15 часот), додека Германија игра против Грција (20:30 часот).
Во центарот на вниманието е втората средбата. Селекторот на земјата домаќин на континенталното натпреварување, Гордон Херберт ќе има голем проблем доколку одбраната не го сопре, Јанис Адетокумбо.
„Првата работа е дефанзивната транзиција и тоа ќе биде многу важен фактор. Втората работа е да се запре Јанис. Како ќе го направиме тоа? Не знам, се надевам дека на денот на натпреварот ќе најдам решение. И третата работа, треба да излеземе и да ја играме нашата игра“, рече Херберт, кој додаде:
„Играме против една од најдобрите репрезентации во светот, која го има еден од најдобрите кошаркари на планетата. Што се однесува до повредите, овој турнир за нас е како патека за опстанок, работевме со девет играчи и ќе видиме во кој состав ќе излеземе на теренот“, заклучи Херберт.
Што се однесува до другите две четвртфинални двојки кои ќе се играат во среда, први ќе стапат Франција и Италија (17.15 часот), а потоа Словенија и Полска (20.30 часот).