Грузија ита кон ЕП, во моментов за нас е друг свет (ВИДЕО)

363

 

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Тбилиси го загуби петтиот меч од тековната Лига на Нации против домаќинот Грузија со конечни 2:0. Лидерот во групата дефинитивно ја запечати својата позиција и ќе атакува кон Европскиот шампионат благодарение на денешниот триумф пред повеќе од 50.000 гледачи.

Дали истиот беше заслужен ќе кажеме да. Зошто? Затоа што се бројат голови,а не шанси, затоа што се бројат грешки од кои паѓаат голови и затоа што не смееш да дозволиш почетнички киксови да „избербатат“ еден сосема легитимно добро одигран меч. А ние го сторивме токму тоа. Наместо да погодуваме ние промашувавме, и наместо да реагираме рутински и да градиме игра од задна линија, ние поклонувавме топки и примавме голови. Дали сме самите виновни што Грузија на два меча ни даде пет гола, а не прими ниту еден? Да. Дали е Грузија во моментов подобра од Македонија? Да, за вкупно пет гола и шест бода разлика на табелата.

А се требаше да биде поинаку….

Ако нешто посакувавме на овој меч во Тбилиси, пред повеќе од 50.000 гледачи настроени контра нас е да не примиме веднаш гол и да не подлегнеме на притисокот на домаќинот. Истиот не само што не постоеше на стартот на натпреварот туку напротив. Ние бевме тие што диктиравме темпо и кои создадовме шанси. Спировски се обиде прв од поле, и тоа на два пати, првиот пат млако вториот, сериозно.

Првиот половина час минува во наша доминација, во поле одлични, во одбрана стабични ни фалеше завршниот пас за некоја екстра шанса.

Алиоски греши на средина, па примаме гол од корнер

Следуваше кобната 35. Минута за нас на овој дуел. Алиоски погреши на средината на теренот, Грузија направи контра, шутираше Џазашвили од лево, Димитриевски супер брани. Топката оди во корнер, Кварацкелиа издоминира по десната страна нафрли напетерец, а таму несреќниот Миовски си забива за ефектен авторогол. Потоа до крајот на првиот дел не се соземавме играчки за да направиме нешто повеќе

Грст наши шанси на стартот на вториот дел

Во продолжението на дуелот ние први се заканивме, и тоа на два пати преку Елиф Елмас. Првиот момент беше екстра ударот на прва со волеј кој заврши крај голот, а втортаа ситуација во 48. Минута кога со глава биеше директно во Мамардашвили. Во 51. Минута екстра топка во длабочина за Миовски овој само за кратко ја прима топката на петерец, а Мамардашвили одлично реагира и ни крати израмнување. По корнерот Алиоски од одбиена топка од преку 25 метри шутира сантиметри покрај дирекот на Грузија.

Во 53. Минута нова ситуација за наше изедначување. Енис Барди се обидува од далечина но над голот на Грузија. Во овие моменти буквално го разбивме противникот и имавме тотална доминација на теренот. Возврати Кварацкелиа со удар сантиметри покрај десниот дирек на Димитриевски.

Катастрофална грешка на Велковски и губиме со 2:0

Како и во првиот дел, така и во продолжението на мечот ни се случи нешто што не смееше. Катастрофална грешка на Зајков и Велковски кој буквало дозволуваат Цикашвили да им ја одземе топката како последни дефанзивци, да тргне во контра напад и да му асистира на Кварацкелиа за 2:0.

Од овој момент нашиот тим како буквално да се расформира особено во дефанзивата. Уште една катастрофална грешка на Велковски кој дозволи класичен зицер за противникот и само непрецизноста на Давиташвили не донесе негатива од три гола за противникот.

До крајот само го доигравме дуелот онака како што и го започнавме. Со ситуации кои не ги искористивме, и со пораз кој ни кажува се што во моментов ни се случува на фудбалски план. Реалноста е таа, поразот е тука, а ние мора од истиот и тоа како да научиме. Дека во националниот дрес мора да се игра максимално, мора да играат во моментот најдобрите, најподготвените, и да го остават срцето на терен.

Грузија – Македонија 2:0 (1:0)

Стадион Борис Паичадзе во Тбилиси

Гледачи: 55.000

Главен судија: Иван Кружиак Помошници: Бранислав Хачко, Јан Позор (сите од Словачка)

Стрелци: Кварацкелиа 64, Миовски 33 (АГ)

Ж.картони: Кочолава (Г) Муслиу (М)

Грузија: Мамардашвили, Какабадзе, Кочолова (Локошвили 72), Керквелиа, Абурџаниа, Кварацкелиа, Давиташвили, Квеквешкири, Зизвивадзе, Цитаишвили (Азаров 72), Џазазвили

Македонија: Димитриевски, Зајков, Велковски (Серафимов 72), Муслиу, Барди (Елези 82), Спировски (Трајковски 68), Елмас, Алиоски, Ашковски (Тодороски 68), Миовски, Ристовски(Атанасов 72)

ПретходноТухел би можел да се соочи со проблеми на Островот!
СледноМилевски: Горд на она што го одигравме, а грешките се составен дел од фудбалот