Лазаров: Посакувам да ја повториме атмосферата! Да дојдат навивачите, да ја видат новата Македонија!

194

Македонската ракометна репрезентација вечерва стартува со мисијата – ЕУРО 2024 година. На патот кон пласман на ново континентално натпреварување стојат Луксембург, Турција и Португалија.

Овие квалификации ќе бидат поинакви, ќе бидат почетна точка за она што ќе гледаме во иднина. На теренот нема да биде лидерот, Кирил Лазаров, ниту Стојанче Стоилов, како и Филип Миркуловски, кој се врати кратко да и помогне на Македонија.

„Ситуацијата во репрезентацијата допрва ќе ја видиме каква е. Треба да се каже, да се нагласи дека ова е нова репрезентација на Македонија. Сосема различна од претходната. Еве тука сме без Миркуловски, Стоилов, Лазаров. Доста подмладена со неколку поискусни играчи кои што биле дел од оваа репрезентација, но тоа се играчи кои немале некоја позначителна улога. Секогаш биле тие што помагале, кои биле додадена вредност, но немале главна улога. Зборам за Пешевски, за Митревски…Го селектирав овој список да можеме да градиме еден нов систем кој веќе го градиме, да го доградиме. Имаме добра репрезнтација, играчи кои преферирам да играат во два правци. Ова се играчи од кои 90% се тие кои што играат во два правци. Ќе пробаме да играме еден нов, модерен ракомет“, ни изјави Лазаров на денешниот собир.

Лазаров потенцира дека на почетокот ќе има многу грешки, ќе биде потребно време за да македонската јавност види убав ракомет за очи. Верува во она што го одбрал.

„Нема да биде исто. Ќе пробаме да го смениме и системот и начинот на игра. Сите ние селекторите се жалиме дека имаме премалку време, меѓутоа како е за мене така е и за моите колеги. Ќе пробаме во најкус можен рок да ги вметнеме тие работи. Едно е клуб а друго е репрезентација за да спроведете во два – три дена, но имаме такво искуство. Противниците се тие, ќе бидам внимателен зошто сепак ова е нова репрезентација и ќе ми треба одреден период да тоа изгледа и на терен како што треба. Спремен сум и знам дека во прво време нема да изгледа како што треба, ќе има грешки. Сепак како што ќе одминува времето тоа ќе го поправаме“. 

Предводникот предупредува дека не смее да се потцени ниту еден противник. Македонија е фаворит на хартија, но тоа мора да се спроведе и на терен. Истото важи и за Турција за која очекува дека ќе игра пред полна сала во Ван.

„Во денешно време ниту еден противник не смее да се потцени, така и Луксембург и Турција. Имаме доста материјали за нив. За Луксембург можам да кажам дека ние сме фаворити на хартија, но тоа треба да се оправда. Турција е многу незгодна репрезентација. На последните МИ игри таму поминавме добро со доста изменет состав. Имаат амбиција за напредок, постојано се собираат. Воопшто нема да биде лесно. Ќе играме во Ван, каде што очекуваме полна сала. Ќе се подготвме добро, ќе бидам внимателен. Задоволен сум од тоа што имам. Се надевам дека ќе бидеме здрави. Имаме еден мал проблем, а тоа е Дејан Манасков кој што е повреден. Ќе биде неизвесен до самиот крај. Најверојатно против Луксембург нема да игра. Ќе видиме како ќе се одвива ситуација со нашиот медицински тим. Се надевам дека ќе го имаме во Ван. После двата бараж меча со Романија и Чешка, и она што го доживеавме сите ние заедно во “Борис Трајковски“ таа атмосфера, мислам дека македонската публика ќе има можност во среда да ја видат таа комплетна промена на генерации, таа нова Македонија. Се надевам дека ќе се одолжиме со квалитетна партија“.

Македонија на 12 октомври ја пречекува Луксембург, билетите се пуштени во продажба, четири дена подоцна и гостува на Турција.

ПретходноПолувреме: Победа води среде Кратово, на останатите мечеви мрежите мируваат!
СледноИкер Касилјас: Јас сум геј!!!