Гордана Нацева, поранешната македонска репрезентативка ја има улогата на амбасадор од нашата земја на претстојното Европско првенство кое за 20 дена и официјално ќе стартува, а еден од домаќините ќе биде нашиот главен град.
Добро знае што значи да се биде домаќин на едно големо натпреварување, од одговорност до можноста на Македонија да ужива на врвен ракомет. Го поздрави потегот на РФМ да го прифати предизвикот, потенцирајќи дека ЕП е важен момент за женскиот ракомет.
„Чест и задоволство е што денеска сум овде. Свесни сме колку голема работа ни се случува и што значи да се биде домаќин на европско. Не секоја држава ја има таа можност.
Ја поздравувам РФМ за органзиацијата и сметам дека се одржува во исклучително важен момент за женскиот ракомет. Ова ќе биде голем мотив и силен импулс за сите нас.
Не секоја генерација има чест да игра во својата земја на големо натпреварување. Со верба во себе и помош од трибините верувам дека можеме да бидеме изненадување. По долго време македонската публика ќе може да присуствува на натпревар на кои играат екипи од ракометната елита.
Предизвик за нас е да бидеме добри домаќини и дека сите гости ќе понесат најубави спомени од гостувањето во нашата земја“, изјави Гордана Нацева.
Македонија првиот меч го игра на 5. ноември против Франција, во нашата група се наоѓаат уште Холандија и Романија.