Македонската кошаркарска репрезентација денеска стартува со подготовките за ноемвриските претквалификации за пласман на ЕП 2025 година. Во составот на Александар Јончевски ги нема Ненад Димитријевиќ, Андреј Јакимовски и Кристијан Николов. Оваа празнина особено на плејмејкерската позиција се очекува да ја потполни новиот натурализиран Македонец, Ти-Џеј Шортс.
Тој веќе е во Скопје и заедно со дел од репрезентативците е на пат кон Гевгелија каде Македонија ќе ги одмери силите со Норвешка и Данска.
„Среќен сум што сум тука, голема благодарност од луѓето од федерација за оваа шанса. Очекувањата се едноставни – да победуваме. Не чекаат два важни натпревари против Норвешка и Данска, сакам да му помогнам да тимот, да направам се што ќе се бара од мене, малку во напад, во одбрана, во организација, се што би придонело да оствариме успех.
Не знам многу за Македонија, се уште учам за вашата земја, културата…имам слушнато добри работи. Допрва ќе ги запознаам момците, се радувам на тоа“, изјави за СПОРТМЕДИА, Ти-Џеј Шортс, кој игра за Телеком Бон.