Македонската фудбалска репрезентација вечерва (18 ч. ) на Националната Арена во Скопје ќе го одигра првиот од двата ноемвриски контролни натпревари како подготовка за следниот квалификациски циклус за ЕП 2024. Избраниците на селекторот Благоја Милевски ја пречекуваат селекцијата на Финска, 56-тата светска фудбалска сила според последната ранглиста на ФИФА.
Финците во Скопје дојдоа без својата прва ѕвезда Теему Пуки, кој според селекторот Марку Канерва поради напорната сезона ќе биде изоставен од ова гостување против нашата фудбалска репрезентација. Тој исто така додаде дека има и други проблеми со повреди поради кои Финска во Скопје ќе истрча со многу поразличен состав од оној најдобриот со кој играат во последно време. Туомас Олила има грип, Кајринен се пожалил на стомачен вирус, додека Ваисенен има повреда на препоните. Во последен момент за Скопје не полета и дефанзивецот Ричард Јенсен од полски Горњик Забже поради обврски кон клубот. Иако се уште не е јасно со кој тим ќе го почне мечот вечерва, финскиот селектор најави дека може да се случи за Финска денеска да заиграат и петтемина дебитанти кои се повикани за овој тест-дуел.
Скандинавците во последното издание на Лигата на Нации завршија на втората позиција веднаш зад БиХ и не успеаја да се пробијат во „А-сегментот“ меѓу најдобрите европски селекции, но резултатски, потврдија дека се наоѓаат во онаа втора група на најквалитетни европски селекции.
Нашата репрезентација исто така не е комплетна, но изгледа многу поконкурентно отколку на оној пријателски меч со С. Арабија минатиот месец. Милевски најави некои корекции во тимот, па останува да видиме вечерва како ќе изгледа овој состав кој полека треба да ја подготвува стратегијата за мартовскиот старт на квалификациите.
Судија на денешниот дуел ќе биде Симовиќ од Србија.