Селекторот на Србија, Драган Стојковиќ беше разочаран од поразот од Бразил на првиот меч на СП. Тој смета дека тактички добро му парирале на силниот противник, но отсуството на некои главни играчи си го сторило своето.
„Мислам дека клучно е што во второто полувреме бевме катастрофални. Бразил е добра екипа и тоа го искористи. Таму каде што бевме најсилни сега не бевме добри. Првото полувреме беше коректно, но имаше некои непланирани работи. На пример повреди на клучни играчи, тоа е премногу за нашиот тим. Повредите на Костиќ, Митровиќ и Влаховиќ дојдоа во незгодно време, па тоа малку не измести. Бразил потполно доминираше во второто полувреме“, изјави Стојковиќ.
Селекторот појасни во што е главниот проблем:
„Не се работи за тактиката, жал ми е што паднавме физички. Жал ми е што немаме здрави играчи. Сега овие неколку дена да се одмориме и во следните два меча да ја решиме својата судбина“.
Слично мисли и капитенот Душан Тадиќ.
„Во второто полувреме тие беа подобри физички и мечот отиде во друга насока. Позитивно беше првото полувреме. Тука добро му париравме на Бразил, не им остававме простор на неговите фудбалери. Толку. Мораме да одиме понатаму. Имаме уште два важни натпревари, одиме да победиме и да се пласираме во наредната рунда“, вели Тадиќ.