Денеска од 13 часот на стадионот “Петар Милошевски“ се игра “Дербито на Македонија“ во кое се среќаваат Пелистер и Вардар. Ова е и дерби на 14.коло во ВМФЛ. Битолската јавност, секако и “Чкембарите“ очекуваат победа, добар настап на својот тим против вечниот ривал. Од друга страна тие и стравуваат, не толку од Вардар колку од нивниот Пелистер. Имено оваа есен и покрај најавите од Битола тимот на Пелистер докрај не ги задоволува вкусовите. Не само што Вардар, Гостивар и Воска бегаат на табелата, туку Пелистер на тренерот Марјан Секуловски игра крајно здодевен, дефанзивен фудбал, кој не дава резултати. Тоа е стилот на Мане, да не примиме а ако го дадеме добро, ако не пак добро.
Така не може во еден голем клуб како што е Пелистер. Битола од Пелистер на Секуловски сака офанзива, сака тимот да победува со стил, со игра, со атрактивна игра да се доаѓа до бодови. А не вака како што сега игра тимот од Битола. Ако Пелистер е прв и со дефанзива може да и се прости, но вака, ни едното ни другото.
Пелистер денеска игра големо дерби и тоа против Вардар. Пелистер мора денеска конечно да мисли и на офанзивата, така се победува. Во стручниот штаб на тимот мора да знаат дека ако денеска не се победи, тогаш напролет нема што да се бара во битката за пласман во елитата. Напролет битолчани ќе им гостуваат и на Вардар, и на Гостивар и на Воска. Пелистер денеска го игра третото дерби на свој терен оваа есен и ја посакува првата победа. Гостивар си победи среде Битола, Воска си освои бод, а Пелистер загуби пет. Е, па, доста е, мора Пелистер на Секуловски да победува дома и против силните а не само против тимови како Тетекс, Слога…
Се разбира ако сака следната сезона да игра во ПМФЛ.