Репрезентацијата на Аргентина по осум години повторно е во финале на СП. „Гаучосите“ ја елиминираа Хрватска со 3:0 во полуфиналето на Мундијалот во Катар и шести пат ќе се борат за големиот трофеј кој го чекаат од 1986 година (два пати го имаат освоено).
Главни актери на вечерашниот меч беа Лео Меси и Хулијан Алварез. Меси го отвори резултатот со гол од пенал, а му асистираше на Алварез за третиот гол. А токму Алварез постигна прекрасен гол за водство од 2:0 во стилот на Марадона претрчувајќи половина терен и ја затресе мрежата на Ливаковиќ.
Во 32 минута Ливаковиќ во обид да стигне прв до топката собори еден аргентински фудбалер, а судијата Даниеле Орсато покажа на белата точка.
Лео Меси погоди за водство на Аргентина, но и за историја. Меси со 11 гола е најдобриот аргентински стрелец на Светските првенства, симнувајќи го од првото место некогашниот голгетер Габриел Батистута.
Во 38 минута нов шок за Хрватите. Дефанзивците погрешија, а Алварез во трка успеа да помине двајца-тројца дефанзивци и ја смести зад грбот на Ливаковиќ.
Во 42 минута и Мекалистер се обиде, меѓутоа Ливаковиќ ја спаси мрежата. Дури во финишот на првото полувреме Хрватите имаа сериозна шанса но Мартинез беше сигурен.
Во 69 минута Алварез ја запечати победата на Аргентина со голот за 3:0. Хрватите тотално разочараа вечерва. Одиграа слабо, освен во одбрана не беа добри ни во нападот.
„Гаучосите“ беа „поживи“, поактивни и поагресивни и заслужено победија. Аргентина до сега постигна 12 гола што е втор најдобар ефект на Мундијалите во нивната историја после онаа шампионска 1986 година во Мексико.
Хрватите ќе играат за третото место на Мундијалот, а Аргентина патува во финалето.