Кошаркарите на Еуро Никел не успеаја да ја продолжат неизвесноста во финалето на плеј-офот, но одиграа машки на сите три пресметки со новиот шампион. Како што вели тренерот Горан Самарџиев играњето во финалето оваа сезона за нив е еднакво на освојување на титула.
„Честитки за МЗТ на освоената титула. Мислам дека заслужено стигнавме до финале и го оправдавме епитетот на финалисти. Секако, немаше да биде незаслужено и доколку ние добиевме некој натпревар, но на крајот пресуди таа подолга клупа во ротацијата. Честитки за моите играчи кои изгинаа оваа сезона за Еуро Никел. Благодарност и до управата на клубот. Ќе гледаме да растеме како клуб, да бидеме уште подобри и се надевам дека не ја разочаравме кошаркарската јавност. Игравме убава кошарка, а така ќе биде и во иднина. Тешко е кога ќе загубиш, но тоа е мора да се прифати и еден пораз. Со враќањето на неколку играчи кои беа отпишани како Соколов, Караколев и Мијатовиќ направивме една добра целина во која нè красеше другарство и сплотеност. Бевме еден за сите, сите за еден. Ќе гледаме во наредните денови да се одмориме и веќе да почнеме да размислуваме за иднина. Се надевам дека ќе продолжиме со планот и веќе за следната сезона ќе направиме еден тим кој ќе биде продолжение за ова што го остваривме оваа сезона. Ова е успех рамен на титула бидејќи овој тим беше составен за влез во Суперлига, а потоа и за последните четири, а стигнавме до тука- до финалето“, вели Самарџиев.










