И официјално Воска, нивиот второлигаш ги стартуваше подготовките. Денеска попладне на својот стадион во Охрид, веднаш крај езерото, околу триесетина фудбалери се појавија на првата прозивка која ја изврши новиот шеф на стручниот штаб, Раде Цицмиловиќ. Се разбира дека тука, покрај другите, беше и газдата на клубот Нефи Усеини.
Меѓу фудбалерите кои следната сезона во ВМФЛ – ЗАПАД ќе ги бранат боите на Воска се и Изаир Емини, Јасир Селмани, Наум Велјаноски, Горан Трајкоски, Михајло Јакимовски…

Факт е дека Воска одлично “пазареше“ во преодниот рок, но од клубот уверуваат дека ќе има уште нови играчи. Амбициите се јасни, тоа е висок пласман на западот, каде покрај другите тука се и Вардар и Силекс.
“На сите ви посакувам добредојдовте во нашиот клуб. Нов тренер на Воска е Раде Цицмиловиќ кој ја има мојата полна доверба. Верувам дека вие ќе ги остварите нашите клупски амбиции“ им се обрати на играчите првиот човек на клубот Нефи Усеини.
После него збор зема шефот Раде Цицмиловиќ кој посочи…
“Имаме добар тим, подготвени сме за предизвикот. Сите нас во клубот не очекува напорна работа. Познато е дека јас лично не сакам да губам, моите амбиции се победнички. Од вас барам само ред, работа и дисциплина“ заклучи Цицмиловиќ.










