ПМФЛ – 30.СЕЗОНА: Шкендија ќе ја брани круната…чудно ќе биде без Вардар!

596

 

Денеска со мечевите од 1.коло стартува јубилејната 30.сезона во ПМФЛ во самостојна Македонија. Сезона која по малку ќе биде и чудна. Ќе го нема Вардар, нашиот најтрофеен клуб. Овој клуб за првпат во историјата на самостојна Македонија ќе  игра во Втората лига – запад.

Значи во сезоната што е пред нас ќе нема “мега дерби“ (Шкендија – Вардар), ќе нема “соседско дерби“ (Работнички – Вардар), исто ќе нема “скопско дерби“ (Шкупи – Вардар) и ќе го нема “Дербито на Македонија“ (Пелистер – Вардар).

Шкендија ќе ја брани титулата освоена во минатата сезона. Го нема веќе Ернест Ѓока на клупата, па и редно беше. Место него тука е Бруно Акраповиќ кој по пауза од пет години се  врати во Тетово. И има само една цел и една обврска. Да ја продолжи доминацијата на Шкендија, која во последните четири години дури трипати ја освојуваше титулата.

Сепак, на Бруно нема да му биде лесно. Тука е силниот Шкупи, со Гоце Седлоски на клупата. Чаирчани се “гладни“ за титула. Веќе две децении го чекаат пехарот. Се чини дека само Шкупи и Шкендија, според квалитетот и буџетите, ќе се борат за првото место. Сепак во фудбалот се е можно.

 

РЕНОВА, РАБОТНИЧКИ, МАКЕДОНИЈА ЃП, А. ПАНДЕВ…

Ако тандемот Ш-Ш е фаворит за титулата, тогаш кој би можел да се бори за тоа трето место, односно за висок пласман? Секако, без разлика на се, не можеме да го изоставиме Работнички, потоа тука се и засилените Ренова и Македонија ЃП, можеби Брегалница, секако А. Пандев. Струга ТЛ може да направи изненадување, ама реално лани имаше подобар тим. Сепак да не ги отпишуваме стружани.

Тиквеш, ако тргне се како што треба, тогаш не би требало да има проблем да избори опстанок. Но затоа Скопје, Пелистер, Борец реално се екипи кои би требало да се борат за голиот прволигашки живот.

Секако дека ова се проекции, прогнози, можни се изненадувања, и негативни и позитивни.

И тоа е…тоа.

Време е за прволигашки фудбал. Каков, таков, наш си е.

ПретходноЕлиуд Кипчоге ја продолжи доминацијата
СледноПромовиран Никола Ескиќ: Брегалница со уште едно засилување!