СТРУЧЕН КОМЕНТАР/ Јошко Миленкоски: Националниот тим е гордост и таков треба да остане

314

По завршувањето на настапите на македонската одбојкарска репрезентација на Европското првенство, за „СПОРТМЕДИА“, долгогодишниот селектор на нашиот национален одбојкарски тим и еден од најтрофејните одбојкарски стручњаци во регионот, Јошко Миленкоски, со своја анализа на прикажаното.


Уште едно Европско првенство, второ по ред, е зад нашата одбојкарска репрезентација. Успешно или не?

Гледано од аспект на самото учество, се разбира, Да! Гледано од аспект на постигнатиот резултат, а особено очекувањата на самото раководство, сигурно, Не!

Мене лично, ми беше убаво да гледам квалитетна одбојка од играчи кои ги познавам во душа и со кои сум постигнал одлични резултати во мојата кариера и сме поминале прекрасни моменти заедно. Постојат причинско-последнични врски за таквата ситуација. Добрите познавачи на приликите во нашата Федерација, како што се нарекуваат некои од нашите преставници, верувам дека ги знаат причините. Ние другите може само да претпоставуваме. Но, неизбежен е заклучокот дека нешто чудно се случуваше, и како што слушнавме, дувале некои чудни ветрови. Не можеме нешто поконкретно да кажеме, затоа што исто така не слушнавме изјави, мислења од самите актери. Тоа беше некаков затворен круг, да не речам изолација, што не може да биде случај кога си присутен на една ваква голема манифестација, каква што е ЕП. Обичните гледачи, љубители на одбојката, симпатизери на националниот тим, мора да бидат информирани од секој аспект.

Анализирајќи го досегашниот тек на првенството, генералниот заклучок е дека се игра атомска, модерна одбојка, неизвесна до тој степен што по првиот круг не може да се одреди изразит фаворит за титулата европски шампион. Како во ретко кој спорт има толку многу кандидати, што дури и најголемите експерти во овој спорт, не можат да кажат кој ќе игра во самата завршница. Групната фаза понуди многу неизвесни натпревари, а за жал, нашата група се покажа како една од најтешките и најнеизвесните, што сигурно е една од причините за нашето последно место.

Она што и треба да не загрижува е состојбата на останатите репрезентации на ова ЕП. Скоро сите направиле успешна смена на генерации. Како никогаш досега е присуството на млади, талентирани и вонсериски одбојкари. За жал, нашиот ростер е речиси ист веќе долги години и лимитиран до толку што стручниот штаб навистина немаше никакви можности да делува од тактичка гледна точка. Во една таква констелација на односи е речиси невозможно да се одиграат за десетина дена пет тешки натпревари со врвни репрезентации.

Да, беше случај на минатото ЕП во Словенија кога игравме најдобро на последните натпревари, но да не заборавиме дека играчите беа две години помлади, а во составот имавме уште двајца одбојкари кои можеа да помогнат, а и немавме одбојкари во изолација како на ова ЕП. Од сето ова досега кажано, мислам дека ситуацијата е малку појасна и не би сакал последиците да ги почувствуваат самите играчи и стручниот штаб како директни виновници. Би претпочитал една поопсежна анализа, па потоа да се повлечат конкренти чекори за надминување на состојбите во нашиот спорт.

Ако го погледнеме ЕП низ бројки и статистика, може да се забележи дека ние сме репрезентација со најмал број на играчи зад чие име има одредена статистика, што е само потврда на досега кажаното. Ако сакаме да направиме статистички преглед на се што се случуваше треба многу простор и време, а тоа може да се најде и на сајтот на ЦЕВ.

Генерално, бројките и статистиката не ни одат во прилог ни екипно, ни поединечно. Сепак се наметнува еден општ заклучок дека (тоа е мој впечаток) желба имаше, мотив имаше, борба имаше, но само до одреден момент, до првиот проблем, односно до првиот притисок кој ќе ни го наметнеше противникот. Потоа се беше рутина на спротивната страна, а кај нас необјаснива апатија.

Следното ЕП на кое сме домаќини ќе дојде брзо и затоа треба мобилност од сите структури кои се одговорни и кои се вклучени во работата на нашиот национален тим, кој беше гордост на сите и таков треба да остане.

ПретходноПоради тридневната жалост: 3. коло кај второлигашите поместено за в недела
СледноОдложено првото коло од ракометната Супер лига