Наскоро промоција на автобиографската книга на Кирил Лазаров – „Секогаш на победа“

159

Автобиографското дело на еден од најдобрите ракометари во 21-от век, Кирил Лазаров, „Секогаш на победа“ наскоро ќе биде достапно за читателите и на македонски јазик. Книгата, која љубителите на спортот во Македонија и во целиот регион со нетрпение ја очекуваа, ќе биде промовирана следната недела во Скопје.

Најдобриот стрелец во историјата на Лигата на шампионите и рекордер по многу основи во светот на ракометот, на хартија ја пренесе својата ракометна и животна приказна.

Патувањето од родниот Свети Никола до Нант, каде што ќе ги закачи „патиките на клин“ во летото 2022 година, е опишано на интересен начин со бројни анегдоти и лекции кои ќе бидат водич за новите генерации и потсетник за современиците на голема кариера.

„Мило ми е што проектот го доведовме до крај со големо задоволство на сите кои учествуваа во него. На крајот од една фаза од мојот спортски живот, сакав да оставам една ваква книга зад себе, од која луѓето ќе научат многу работи. Читателите ќе добијат подобар увид во тоа како спортист, без разлика колку е успешен, мора да тргне на патот кон постигнување на своите цели. Се надевам дека луѓето во Македонија, а наскоро и во целиот регион, ќе ја прочитаат книгата во еден здив“, рече Кирил Лазаров.

Автобиографијата „Секогаш на победа“ содржи и автентични искуства на легендарните тренери Лино Червар и Талент Душебаев, новинари и соиграчи на Кирил Лазаров.

Српското издание на автобиографијата се очекува да излезе во ноември.

ПретходноЗахариевски: Ги почитуваме “пандевци“, но посакувам бодовите да останат во Струга!
СледноГол – шоу на Чаир: Шкупи ја понижи Брегалница во шампионски стил!