Само Германија и Данска се сигурни патници за Мундијалот во Катар следната година, а преостанатите две кола ќе ги решат сите дилеми околу пласманот на завршницата на најголемото репрезентативно натпреварување. Во следните 6 дена ќе се знае се, кој ќе оди директно, а кој ќе чека бараж за место на Мундијалот. Покрај Германија и Данска, уште девет селекции си обезбедија најмалку учество во бараж, а тоа се Србија, Белгија, Италија, Португалија, Шпанија, Русија, Швајцарија, Хрватска и Франција.
Европа оваа година треба да даде 13 претставници на Светското првенство во Катар на крајот на следната година. Тоа се победниците од сите 10 групи, како и уште три селекции од 12 репрезентации кои ќе влезат во баражите (10 второпласирани селекции и две од Лигата на нации).
Тие 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи со по четири репрезентации, а на Мундијалот ќе патуваат само победниците. На секој од овие турнири ќе се играат полуфиналиња и финалиња. Македонија се уште има шанси за место во бараж-групите, а кои се варијантите за наш пласман меѓу второпласираните селекции пишувавме утрово.










