Александар Петровиќ после една деценија се врати на клупата на МЗТ Скопје. За искусниот стратег ова ќе биде трет мандат како предводникот на „сино-белите“, неговиот договор со раководството на клубот е потпишан на година и пол.
Петорвиќ вели дека мора да се искористи моменталниот ростер максимално, проблем е што во моментов има повредени кошаркари, но и такви кои се истрошени. Добро е познато дека голем дел од членовите на националниот тим доаѓаат токму од таборот на тимот од Аеродром.
„По долги години се враќам во МЗТ Скопје, организациски е најдобар клуб во Македонија. Главаната цел е одбрана на титулата и влез во АБА 1-лига. Да го селектирав овој тим од почетокот, сигурно ќе беше поинаку. Во недела не чека вечно дерби против Работнички. Имаме проблем со составот. Во следниот период ќе има подмладување на составот. Сега имаме доста повредени кошаркари, имаме и такви кои се истрошени. Немаме многу време да се рекуперираме и тоа пред клучниот период од сезоната.
Не чека згуснат распоред, ќе играме три меча во “балон“ во АБА2-лига, истите ќе одлучат од кое место ќе стартуваме во плеј-офот. Со три победи ќе бидеме на првото место и ќе имаме добра позиција за влез во АБА1-лига“, изјави Петровиќ.
Петровиќ кој ќе дебитира против Работнички на вечното дерби нема многу да ја менува играта. Ја прифаќа фаворитската улога и очекува победа на оваа средба.
„Немаме ниту многу време да ја менуваме играта. По имиња, МЗТ Скопје има најдобар тим, но играчите навистина се истрошени. Потребно е да се врати свежината. Главна цел ќе биде да се зацврсти одбраната и на најдобар начин да го искорстиме нивното знаење и потенцијал. Имам поддршка од клубот и од навивачите.
МЗТ Скопје на секој меч оди на победа. Дерби е дерби, и ние сме биле во поинаква ситуација. Мислам дека имат тројца нови странци, знаеме каде е нашата предност во однос на нив. Ние сме фаворити, но сепак е вечно дерби, тоа е еден меч, одлучува мотивација, се надевам дека ќе има и навивачи. Очекувам победа“.
Дуелот меѓу Работнички и МЗТ Скопје е закажан за во недела со почеток во 19:30 часот.