Италијанскиот шампион Милан потврди дека го откупил договорот на Жуниор Месијас од Кротоне. 31-годишниот бразилски напаѓач им се приклучи на „росонерите“ минатото лето и тоа на позајмица, а тој постигна пет гола во 26 настапи во Серија А.
Од клубот одлучија да го задржат овој фудбалер со тоа што ќе платат 4,5 милиони евра што е помала сума од првичната од 5,4 милиони евра што ја договориле за откуп минатата година.
Бразилецот кој играл во сите италијански лиги почнувајќи од Серија Д имаше и одлични настапи во Лигата на шампионите.
Во Милан се уште активно работат на доведување и на Хаким Зијеш од Челзи. Сумата за негов трансфер е меѓу 30-40 милиони евра, па Малдини и неговиот тим работат на трансферот.
Во меѓувреме „росонерите“ сакаат да го задржат и Оливие Жиру, додека Бакајоко кој досега играше како позајмен ќе се врати во Челзи.
На списокот на потенцијални засилувања на Милан е и Де Кетеларе од Клуб Бриж.










