Савевски: Имавме голема желба да бидеме во Топ 8! Ракометарките плачеа, тие се моите борци!

156

За македонската кадетска женска репрезентација денеска и официјално заврши Светското првенство кое се одржува во Скопје. По поразот од Хрватска „црвено-жолтите“ го освоија 12 место на овој шампионат.

Ракометарките имаа двоцифрена негатива, лошо влегоа во мечот, но една добра работа е што се вратија на минус три, покажаа дека имаа сили за многу повеќе.

„Хрватска одигра многу подобро од последниот меч. Дали ние дозволивме можеби такво нешто, затоа што игравме лошо во одбраната, ама во вториот дел се вративме. Можеби доцна, ама јас сум задоволен затоа што од минус од четиринаесет гола дојдовме на минус три, можеше да биде и минус два, а тоа покажува дека можеме да напредуваме“, изјави по дуелот Љубомир Савевски.

Предводникот на нашиот национален тим ги даде и првите оценки за деновите минати на Мундијалот, во кој Македонија запиша три победи, едно реми и три порази.

„Ние сме скоро 50 дена заедно, се потрошивме и уште претходно реков дека ја сносам одговорноста за овој настап. Имавме голема желба да влеземе меѓу најдобрите осум, толку блиску беше да го направиме тоа, шанса им дадов на оние во Литванија кои беа најдобри и мислев дека можеме да издржиме, ама на крајот се покажа дека тоа не е така. Немавме среќа во одреден момент, имавме напади за изедначување во клучниот меч со Исланд, не го направиме тоа и оттогаш падна екипата. Мечот со Германија беше нереална слика, иако се работи за фантастична репрезентација. Ама немавме сили да играме со нив. Едноставно, бевме потрошени. Играчите плачеа без престан по тој меч со Исланд. Тие се мои борци, направија голем успех, претходно не немаше никаде на картата. Во Литванија победивме со Полска, Исланд, Финска… такви репрезентации кои беа добри и одат напред. Менталниот склоп на оваа екипа е многу јак, ни требаат уште три до четири играчи за замена и мислам дека оваа генерација ќе напредува. Имаме едно Европско првенство и едно Светско првенство тука во 2024 година. Ако се променат некои работи, може да се надеваме на добар пласман“, анализира Савевски.

Од кадетската репрезентација дел ќе одат во сениорскиот тим кој во ноември ќе настапи на ЕП кое дел ќе се одржи во Скопје.

„Имаше критики дека давам шанса на млади играчи во сениорскиот тим, кај мене нема млади и стари, туку добри и лоши. Песимистичка прогноза е дека четири, а оптимистичка шест играчи од овој тим ќе бидат меѓу сениорите на претстојното ЕП во Скопје. Имаме тешки противници во групата, нема што да изгубиме и ќе се обидеме да направиме една екипа за следните десет до петнаесет години“.

ПретходноКалмар и покажа на Шкендија како треба со АИК!
СледноСтрелецот на фантастичниот гол во Струмица: Најважни ми се победите на Брегалница! (ВИДЕО)